Од понеделникот пред Уставниот суд, поддржувачите на ДУИ се на т.н. „Стража на јазикот“. Целта им е, велат тие, преку мирен протест да не дозволат промена на законот за употреба на јазиците.
За ваквите настани се огласи и премиерот на државата, Христијан Мицкоски.
На конечната одлука во Уставниот суд за спорните членови од Законот за јазиците претходи процедура која може да трае со месеци и со години, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, ДУИ во чиј мандат се изгласани уставните судии, сакаат да креираат впечаток во јавноста дека одлуката на седницата закажана за в среда, не е донесена благодарение на нивниот политички притисок.
„Нивната цел е сега како политички глодари да начекаат и да видат дека еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста, нормално тоа може да го прават само политички глодари, да излезат и да кажат – еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова“, изјави премиерот Мицкоски.
Партиски, лични и субјективни-вака шефицата на државата Сиљановска Давкова ја оцени изјавата на лидерот на интегративците дека укинувањето на која било одредба од Законот за јазиците е удар врз стабилноста на државата. Таа порача-партиските лидери да се воздржуваат од коментари за работата на Уставниот суд.
„Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар. Најмалку што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи согласно Уставот и Деловникот“, нагласи претседателката Сиљановска Давкова.
Американската амбасадорка Агелер вели дека е во секојдневна комуникација со властите како дел од нејзината работа. Немаат разговарано со премиерот конкретно за дестабилизација на земјава. Сака да верува дека ниту една партија не би го сторила тоа.
„Тоа не е во ничиј интерес, најмалку на граѓаните на оваа земја. Улогата на лидерите на владината коалиција и на опозицијата е да одржат стабилна, сигурна и просперитетна Македонија. Тоа го сакаат луѓето“, нагласи амбасадорката Агелер.