Во време кога македонскиот јазик и идентитет се негираат, политиката треба да се потпре врз македонската наука и творештво за да изгради национална стратегија и конзензус, како одговор на бугарските провокации, сметаат дел од историчарите и македонистите.
На одбележувањето на 160-годишниот јубилеј од Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци, историчарот и архивист Бранислав Светозаревиќ, нагласи додека кај нас науката се маргинализира, бугарската академија на науките уште во 97 година усвоила стратегија за бугарските национални прашања која до ден денес тамошните политичарите ја спроведуваат.
– Ние не можеме да очекуваме, во ова време, некоја друга политичка гарнитура бугарска да отстапи од она што е зацртано од науката. Иако таа наука е тенденциозна , националистичка, шовинистичка, сепак тие одат по тоа. Затоа што Европа веќе ги препознава како многу агресивни и штетни за самата концепција за ЕУ. Ние, пак, науката ја маргинализираме. За жал науката е ставена само во една форма која се вика Комисија и која служи како параван за да кажеме дека еве нешто правиме, смета доц. д-р Бранислав Светозаревиќ.
Македонските политичари сега треба да изградат соодветен став кој ќе биде на линија на македонската идентитетска содржина, смета професорката Наташа Котлар.
– Доколку би се ценеле и практикувале сознанијата коишто ги има создадено македонската наука не би требало да се случуваат лутења во политичката сфера. Значењето на овој Зборник е дека македонската историја има своја генеза, има своја посебност, специфика, за разлика од другите балкански држави и народи. Во нашава политичка стварност сега ни недостасува реакција на институциите, вели проф.д-р Наташа Котлар.
Браќата Миладиновци се меѓу првата генерација на преродбеници кои пишувале на народен македонски јазик. Нивниот зборник на народни песни за научната фела е незаменливо дело на патот за самостојниот јазик и држава на кои после се надоврзуваат делата на Мисирков, а подоцна и делата на АСНОМ, оценија историчарите.