Полицијата открила нелегална плантажа со канабис кај струмичкото село Секирник и привела две лица од Ново Село, на возраст од 34 и 30 години. Во акцијата биле одземени 680 килограми стебла канабис, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека полициските службеници неколку дена престојувале и спиеле на нива за да ги затекнат осомничените на местото.

Според МВР, плантажата се наоѓала во скриен дел од парцела на местото викано „Матник“, во атарот на Секирник. Осомничените, како што се наведува, ја обработиле почвата и таму засадиле и одгледувале стебла канабис.

Во истрагата било утврдено дека дел од произведениот канабис бил наменет за продажба на пазари надвор од Македонија.

Тошковски им се заблагодари на полициските службеници од Струмица за успешната акција и истакна дека дрогата била откриена и обезбедена.

„Дрогата е детектирана и обезбедена, а луѓето кои што биле директно вклучени во рамки на процесот на производство и пуштање во промет на истата се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Доколку вакви постапки во текот на годините почесто биле спроведувани немаше да бидеме до ова дереџе“, изјави Тошковски.

Министерот оцени дека акцијата е доказ за посветеноста на МВР и Бирото за јавна безбедност во откривањето и соодветното процесуирање на ваквите кривични дела.

Двајцата приведени се гонат за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.