Потпретседателот благодарен за брзиот одговор на полицијата
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави дека „луд човек“ се обидел да упадне во неговиот дом во Охајо, откако ги искршил прозорците на куќата.
Во моментот на инцидентот, семејството на Венс не било присутно во домот.
Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извор од органите за спроведување на законот, претходно извести дека властите истражуваат случајот, а едно лице веќе е приведено во врска со настанот.
– Колку што можам да проценам, луд човек се обидел да влезе со провала, кршејќи ги прозорците. Благодарен сум на Тајната служба и на полицијата во Синсинати за брзиот одговор, напиша Венс во објава на социјалната мрежа „Икс“.
Тој додаде дека семејството веќе било вратено во Вашингтон и апелираше до медиумите да не објавуваат фотографии од домот на кои се гледаат оштетувањата.
