Српската полиција попладнево влезе во зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад на барање на деканот, откако студентите најавија блокада поради отпуштањето на професорката Јелена Клеут, која јавно ги поддржуваше нивните протести.
Деканот на факултетот, Миливој Алановиќ, изјави дека разговорите меѓу полицијата, факултетската администрација и студентите сѐ уште траат.
– Разговаравме со студентите, разговараме со полицијата, полицијата разговара со студентите – рече Алановиќ, додавајќи дека блокадата мора да заврши, во спротивно ќе биде принуден да преземе мерки за да продолжи работата на факултетот.
Продеканот Дејан Пајиќ ги повика студентите да се откажат од блокадата и истакна дека од нив зависи „дали ќе ги видиме сцените од 5 септември“, алудирајќи на денот кога полицијата бурно реагираше на студентските протести.
Студентите до 14 часот чекаа одговор од деканот, од кого побараа факултетот институционално да застане зад професорката Клеут и да направи сѐ за таа да биде вратена на работа. Откако добиле одговор дека институцијата не може да преземе дополнителни чекори, во зградата биле внесени душеци, со што студентите се подготвиле за подолг престој.
Професорката Јелена Клеут се наоѓа во зградата заедно со студентите, на кои им се обрати со порака да продолжат да го бранат Универзитетот.
Митингот во нејзина поддршка, поради денешното официјално отпуштање, започна во 12:00 часот во просториите на Филозофскиот факултет со пораката „Ако Клеут не предава, никој нема“.
Со доставувањето на решението за отпуштање, Клеут формално го изгуби работното место на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Во документот, во кој имала увид агенцијата Бета, е наведено дека работниот однос на професорката по Комуникологија завршил на 20 јануари „поради истекот на рокот на кој бил заснован“.
Во текот на август и септември 2025 година, полицијата беше присутна речиси еден месец на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
