Акција во Вардариште: Тројца осомничени за создавање диви депонии
Акција во Вардариште. СВР Скопје, во содејство со Основното јавно обвинителство, спроведе акција на локацијата Вардариште, каде што со години функционираат диви отпади. По неколку извршени претреси, беа поднесени кривични пријави против М.М. (54), А.А. (28) и Ф.А. (41), сите од Скопје, за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Нерегистриран откуп и складирање на отпад
Осомничените подолг временски период, сè до 2 септември 2025 година, на ул. „Зендел Џемаил“ во Скопје, организирале депонија спротивно на прописите за заштита на животната средина. Тие вршеле дејност откуп на старо железо, акумулатори и други метали на импровизирани пунктови, без регистрирано правно лице и без дозвола од Министерството за животна средина.
Опасност по здравјето на луѓето
Обвинителството утврдило дека тројцата осомничени оставале, фрлале и непрописно транспортирале отпад, со што создале диви депонии кои влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикувале опасност за здравјето на луѓето. Судија на претходна постапка им одреди мерка притвор во затворот во Скопје.