– Педесет отсто од Американците (од сите возрасти) веќе се целосно вакцинирани. Продолжете така, изјави Сајрус Шахпер, кој е одговорен во Белата куќа за податоците од Ковид-19. Тоа значи дека повеќе од 165 милиони луѓе примиле или две дози на вакцините на Модерна и на Фајзер, или вакцината на Џонсон и Џонсон која се прима во една доза.

Прагот на половина од сите целосно вакцинирани возрасни Американци беше постигнат кон крајот на мај. Шахпер истакна дека седум дневниот број на нововакцинирани се зголемил во просек за 11 проценти од минатата недела и 44 проценти во текот на изминатите две недели. Четири недели по ред, просечниот број на луѓе, кои се вакцинираат секој ден, се зголемува, изјави во четвртокот ковид координаторот во Белата куќа, Џеф Зиентс.

САД се најтешко погодената држава од пандемијата, со 615.000 смртни случаи. Бајден ги повика Американците да се вакцинираат откако ја презеде претседателската функција во јануари. Програмата за вакцинација ги зголеми надежите за враќање на вообичаениот живот ова лето, но планот не се оствари поради Делта мутацијата на коронавирусот. Дневната инциденца на нови инфекции, смртни случаи или хоспитализации драстично се зголеми, а градовите како Њујорк и Лос Анџелес воведоа нови ограничувања, како што се документи за вакцинација за влез во затворени објекти, на пример ресторани и спортски сали.