Полска денеска ја затвори својата источна граница со Белорусија за белоруски и руски камиони, трактори и тешки возила со приколки и полуприколки регистрирани во која било земја, објави полската новинска агенција ПАП.
Полско-белоруската граница е и надворешна граница на ЕУ и Шенген зоната.
Во февруари Полска го затвори граничниот премин Бобровники. Како одговор, Белорусија го отежна преминувањето на границата на полските камиони. На крајот на февруари, Варшава го затвори и граничниот премин Кукурики-Корошчин за белоруски тешки товарни возила.
Најблизок сојузник на Русија е Белорусија, во која има полско малцинство од околу 300.000 луѓе.
Претходно белорускиот Врховен суд ја потврди казната за новинарот Анджеј Почобут, претставник на полското малцинство во Белорусија. Тој во февруари беше осуден на осум години затвор за „поттикнување омраза“ и „повикување на акции насочени кон нанесување штета на Белорусија“.
Почобут за полските медиуми ги покриваше протестите во Белорусија предизвикани од претседателските избори во август 2020 година, за кои се веруваше дека биле наместени. Белорускиот претседател Александар Лукашенко постојано ја обвинуваше соседна Полска дека стои зад демонстрациите.