-Проценуваме дека режимот на Лукашенко вратил околу 3.000 мигранти во Ирак и Сирија, но значително повеќе, околу 7.000, сè уште се на територијата на Белорусија, изјави денеска за полската агенција ПАП портпаролот на разузнавачките служби Станислав Зарин.
Во моментов е намален бројот на обиди за илегално преминување на границата на границата на Полска со Белорусија, рече Зарин, додавајќи дека би било прерано да се каже дека кризата е завршена.
-Белоруските безбедносни сили и натаму испраќаат помали групи мигранти на границата со цел да најдат помалку безбедни делови каде што би можеле илегално да преминат во ЕУ, рече Зарин.
Полската погранична стража денеска пријави 116 обиди за илегално преминување на границата во последните 24 часа.
Нов лет за враќање на мигрантите од Белорусија до Ирак е планиран за подоцна во текот на денот, по што утре ќе следи лет за Сирија, соопшти аеродромот во Минск на социјалната мрежа Телеграм.
Меѓутоа многу мигранти на границата се уште се надеваат дека ќе го продолжат својот пат кон Европа и одбиваат да се вратат во своите матични земји, јави белоруската агенција Белта.
Илјадници мигранти и бегалци со недели наназад се обидуваат да ги минат надворешните граници на ЕУ од Белорусија, со цел прво да стигнат до Полска, Литванија или Летонија, пренесе ДПА.