За време на дебата во Сејмот, долниот дом на полскиот парламент, полскиот премиер Доналд Туск директно го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за глобалниот скок на цените на горивата, кој тешко ги погодува и европските граѓани.
Обраќајќи им се на пратениците од крајно десничарската опозиција, кои со години отворено го поддржуваат Трамп и го сметаат за политички идол, Туск директно изјави дека е крајно време работите да се наречат со вистинските имиња и да се признае кој навистина го предизвикал овој енергетски хаос.
„Нашите цени на горивата се меѓу најниските во Европската унија, всушност, моментално се најниски, иако за луѓето се сè уште проклето скапи. Свесен сум за тоа. Мислам дека конечно е време ова да се каже гласно, особено пред вас: Да, Доналд е одговорен за ова – тука нема сомнеж. Но, вашиот херој, а не полскиот премиер. Вие одлично знаете кој всушност е одговорен за цените на горивата“, рече Туск во парламентарната сала, искористувајќи го фактот што го дели истото име со американскиот лидер.
Оваа директна прозивка од страна на Туск доаѓа во време на нов енергетски шок за глобалната економија, предизвикан од војната на Трамп со Иран.
Со оваа изјава, полскиот премиер им се придружува на сè поголемиот број европски функционери кои сè поотворено ги отфрлаат тврдењата на Трамп за причините за поскапувањето.
Додека американскиот претседател, во пресрет на изборите за Конгресот, се обидува вината за поскапото гориво да ја префрли врз Украина и нејзините напади врз руските нафтени постројки (со што воедно ја оправдува својата контроверзна одлука за укинување на санкциите за увоз на руски дизел), европските лидери јасно посочуваат дека глобалниот раст на цените е директна последица на војната на Трамп на Блискиот Исток.
