На денешната седница на Советот на Град Скопје зборуваше советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анета Марковска Илиевска, која на почетокот јасно истакна дека нејзината партија ќе ја поддржи одлуката за измена на распределбата на средства во буџетот, со акцент на плати и придонеси за вработените во Противпожарната единица.
„Ја поздравувам предлог-одлуката за измена на распоредот на средства во буџетот на Град Скопје за 2025 година, особено за ставките плати и придонеси за вработените во противпожарната единица и градот Скопје. Сведоци сме на недостатокот на пожарникари и проблемите при извршување на работните задачи, па со оваа одлука ќе се овозможи вработување на нови пожарникари, кој број беше до сега преполовен од потребниот, и пожарна Скопје, се надевам, ќе биде на ниво коешто доликува и од помош на Скопјани, па и пошироко“, рече Марковска Илиевска.
Помина цел мандат во изговори
Во своето обраќање таа директно се осврна и на градоначалничката Данела Арсовска, обвинувајќи ја за манипулации и обиди вината за сопствената неспособност да ја префрли врз ВМРО-ДПМНЕ.
- „Затоа, од тука апелирам Арсовска да престане да манипулира со јавноста и со вработените, велејќи им дека ВМРО-ДПМНЕ опструира, не гласа одлуки, бидејќи помина цел мандат во изговори заради неспособноста да се справи со предизвиците и сѐ уште продолжува, за жал. Скопјани, бидете спокојни – следува обнова на Скопје, од капитални до локални решенија, а ова раководство ќе остане запамтено во историјата како најнеспособното“, порача Марковска Илиевска.
Извор: Skopje1