Портпаролката на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија објави дека Владата го надминала времето на договори што за нас значеа понижување. Таа соопшти дека на владина седница е овластен вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски да го потпише во четврток договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
„Ми претставува чест да соопштам добра вест, да кажам некоја позитивна работа што ја направила оваа Влада, а која ќе има долгорочни позитивни ефекти за нашите граѓани“, рече Митева, истакнувајќи дека овој договор е дипломатска и историска победа за Македонија.
Надминување на договори што за нас значеа понижување
Митева нагласи дека новиот договор носи политички и економски придобивки.
„Има два моменти што можам да ги издвојам, а тоа се политичкиот и економскиот. По долги години на изолација, успеавме Македонија да не биде пасивен набљудувач на маргините, туку активен партнер со нашите глобални сојузници. Ако во минатото имавме договори што за нас значеа понижување, денес имаме договори што за нас и нашите граѓани значат гордост. Тоа ме радува и за тоа сум исклучително горда, пред сè како граѓанин, а потоа и како човек што е гласот на народот преку оваа позиција“, изјави таа.
Политичка стабилност и економски раст
Политички, договорот обезбедува стабилност и предвидливост во сложениот глобален политички пејзаж.
„Станува збор за договор што ја става Македонија на скала во која велиме дека Владата направила политичка стабилност и предвидливост. Тоа е од исклучителна важност за нашите глобални сојузници во ваков политички пејзаж на глобалната политичка сцена“, рече Митева. Економски, договорот носи инвестиции од шест милијарди евра за области што биле занемарени. „Тоа е финансиската рамка што имаме можност да ја искористиме за области што во минатото беа заборавени или беа осветлени во јавноста само по негативни моменти, како протестите на вработените во Македонски Железници или лошите здравствени услуги“, додаде таа.
Инфраструктурни проекти од договорот
Главниот инфраструктурен проект е изградбата и реконструкцијата на железницата на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија. Планирани се и инвестиции за изградба на Медицински факултет во Штип и студентски дом. „Ова значи дека Македонија размислува долгорочно, позиционирајќи се како држава со огромен потенцијал за раст и влевајќи доверба дека ова е патот по кој Владата ќе оди“, изјави Митева. Владата ќе продолжи да ја трансформира Македонија за добробит на граѓаните.
Извор: Курир