Митева: Простор совршен за физикална и работна терапија

Владата во текот на следната недела ќе донесе официјална одлука со која одморалиштето Пониква, кое досега беше под надлежност на Министерството за внатрешни работи, ќе премине под користење на Министерството за здравство. Целта е објектот да се пренамени во установа за продолжена медицинска нега и рехабилитација. Веста ја објави портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција.

„Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување,“ изјави Митева.

Таа појасни дека Пониква располага со 27 соби и 56 легла, сместена во природна, мирна средина, идеална за опоравување и терапија.

„Во тек е оперативен план со персонализиран пристап“

Паралелно со најавената одлука, надлежните работат на детален план за распределба и згрижување на пациентите. Планот се подготвува во соработка со Министерството за здравство и здравствените тимови кои ќе го понесат својот медицински прибор на терен.

„Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите,“ истакна портпаролката.

Погледнете го видеото

„Престојот ќе го подобри и психо-емоционалното здравје“

Освен физичката рехабилитација, мерката има и психолошка димензија. Според Митева, згрижувањето во Пониква ќе придонесе за социјална интеракција и меѓусебна поддршка меѓу пациентите, со што ќе се подобри и нивната ментална состојба.

„Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба“, подвлече Митева.

Таа додаде дека, според медицинските препораки, пациентите не смеат да бидат изложени на високи температури или физички напори. Поради тоа, природната средина и инфраструктурата на Пониква се идеални за ваков тип на грижа.

„Очекуваме во најкус можен рок да ги завршиме сите овие процедури и институционално да ги донесеме овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план“, заклучи Митева.