Владата ја поништи одлуката донесена од пред еден месец за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“. Ова го соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека тој бил воздржан при гласањето.
„Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. Министерството за економија инсистира да се донесе некаква одлука, а која е подобрата одлука за интересот на граѓаните ќе каже времето и аргументите“, изјави Бектеши.
Сепак министерот Бектеши смета дека оваа нова владина одлука само ја враќа ситуацијата во статус кво и дека ја изложува Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани во иднина да ги чини милионски суми како оштета.
„После 5-6, 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки можат да патат во иднина и да плаќаат милионски суми за административни – технички пропусти“. Нашите очекувања се дека оваа одлука ќе се спори од страна на концесионерот, што е нивно право. Како институција ќе направиме максимум за да ја браниме оваа одлука. Иако морам да бидам многу транспарентен со јавноста. Имајќи ги предвид аргументите кои ги презентирав тука и можна правна разврска во иднина, ние како Министерство за економија вчера апстиниравме од оваа одлука на Владата. Но, ние не излегуваме во јавност да кажеме дека нема да ја почитуваме оваа одлука, затоа што не сме убедени во неа. Ние ќе направиме се` што е во наша надлежност да ја браниме оваа одлука. Но, сите правници, во Министерството и надворешни адвокатски куќи велат дека ова не ја менува суштината. И после оваа одлука, концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии. И после оваа одлука ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите“, додаде Бектеши.
Владата на 27 јуни гласаше да се спојат двете концесии, првата на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село.
Но, сегашната ревидирана одлука може да предизвика сериозни импликации врз буџетот на државата. Од компанијата и предходно уверија дека проектот се реализира со целосно почитување и спроведување на сите законски и договорни обврски, а согласно планот за инвестиции во овој рударски комплекс се предвидени средства во вкупен износ од над 340 милиони евра, а досега се вложени над 40 милиони евра.
Затоа државата сега се доведува во опасност да плаќа отштета од најмалку една милијарда евра на арбитража, наместо да ќари најмалку 340 милиони од реализацијата на инвестицијата.
За евентуално покренување спор пред меѓународните судови, компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ се повикува на билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана уште во 1996-тата година.
Мнозински акционер на „Еуромакс Ресоурцес“ е Групацијата Трафигура, која како правно лице подлежи на правото на заштита во согласност со наведената билатерална спогодба.
Досега од компанија неколкупати беа истакнати бенефитите врз севкупната економија од реализацијата на инвестицијата.