Попладнево во Кочани ќе се одржи единаесеттиот „Марш за ангелите“. Родителите и блиските од семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно ќе излезат на улица за да побараат правда, но и поголема поддршка за побрзо закрепнување на повредените во трагедијата.

И овој марш ќе почне од Паркот на револуцијата, ќе продолжи кон трговскиот центар, Општина Кочани, а оттаму кон полициската станица и пред Основниот суд и Обвинителството.

Учесниците на маршот бараат неселективна правда, казни за секој што има каква било одговорност, но и системски промени за да не се повтори трагедијата од 16-ти март, којашто однесе 62 живота, а повеќе од 200 луѓе беа повредени.