По обилните врнежи што ја зафатија земјава, Центарот за управување со кризи информира дека состојбата на терен континуирано се следи, а дежурните служби се во целосна приправност. Директорот на ЦУК, г-дин Мухамед Али, заедно со екипите на бројот 112 и Секторот за операции, апелира до граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112.
Според пријавите и реализираните интервенции заклучно со 21:00 часот на 07.01.2026 година, на повеќе локации низ државата се евидентирани одрони, свлечишта и поплави.
На патниот правец Гостивар – Стража регистрирани се одрони на коловозот, но сообраќајот се одвива редовно. На делницата Тетово – Бањиче има одрони покрај патот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол е забележано излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а евидентирано е и намалено производство на ХЕЦ Маврово.
Излевање на Лакавичка и Сушичка река е пријавено во селата Мало Турчане и Горно Бањице, каде што е поплавено земјоделско земјиште, а општината, како што се наведува, не располага со соодветна механизација за интервенција.
Во селото Форино паднато дрво во коритото на Вардар претставува ризик од поплава, поради што екипа опремена со моторна пила е ангажирана на терен.
На патниот правец Тетово – Бањиче, кај таканаречениот „Цртан ѕид“, регистрирани се свлечишта и одрони. Патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Во Битола и околината, во селото Лера, е пријавена поплава кај мостот, со можност таа да се прошири кон селото.
На подрачјето на Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што е наведено дека реките не се излеани од своите корита.
Во селото Сирхан регистриран одрон е отстранет.
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавното претпријатие и локалната самоуправа. Во Кичево, на улицата Прилепска, поплавени се стамбени објекти, а 60 лица се евакуирани и згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патот Охрид – Пештани, кај хотелот „Гранит“, регистриран е одрон, но патот е прооден, а расчистувањето на поголемите наноси се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на потезите Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, се спроведуваат активности за расчистување на свлечишта и одрони.
Во општина Боговиње, поради затекнат канал од изградбата на автопат, евидентирани се поплави на обработливо земјоделско земјиште, при што нема загрозени куќи.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи, а граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност и следење на официјалните упатства.
