Центарот за управување со кризи (ЦУК) предупредува граѓаните да бидат внимателни кога се движат покрај речните корита и поројните суводолици, особено во реони на поројните полавувања и на местата каде што има или ќе има поројни локални дождови.
Од ЦУК информираат дека се преземаат превентивни и координативни мерки по информациите кои ги добиле од УХМР за зголемен водостој на локални реки и најголемата река во земјава, Вардар. Поради зголемен водостој на реката Вардар во горниот дел од текот, на сливовите со одредени притоки, можни се излевања во Полошката Котлина, во Тетовско-Гостиварскиот регион и на други критични места на реката. Во таа насока, како што ќе се зголемува нивото на реката, ќе се очекува и висок водостој на реката Вардар во Скопје и низводно во Велешкиот регион.
„ЦУК преку Секторот за операции и координација презема превентивни и координативни мерки утрово со зголемување на готовноста за информирање и дејствување со субјектите за управување со кризи при можни елементарни локални непогоди во Скопско, Велешко, Кумановско, а и други региони што се реализира и преку другите регионални центари за управување со кризи во државата“, велат од ЦУК.
ЦУК информира дека е добиено предупредување од Водостопанство за мостот во село Пчиња, којшто имал слаба конструкција, а зголеменото ниво вода од Крива Река ќе дојде до река Пчиња за околу два часа и ќе има зголемен притисок на мостот. Од Секторот за операции и координација на ЦУК се запознаени Локална самоуправа, ДЗС и МВР, за да се дејствува превентивно за запазување на безбедноста на граѓаните.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) презема превентивни и координативни мерки утрово по информацијата од УХМР за зголемен водостој на локални реки и реката Вардар.
На територијата на Општина Куманово на повеќе локации имало паднати дрвја како последица на поројните врнежи од дожд и силниот ветер. Покачен е водостојот на реката Кумановка во село Доброшане, но нема опасност од поплавување на куќите и излевање на река.
Крива Паланка вчера беше зафатена од силно невреме по што дојде до нагло зголемување на водостојот на Крива Река, Домачки Дол и Киселичка Река. Од зголеменото ниво на Крива Река дојде до излевање и поплавување на брегот. Во месноста Домачки дол се интервенира со една машина. Пријавена е и опасност од поплавување на новоизградени куќи и објекти на улицата „Глигор Прличев“ во Крива Паланка. Има поплавена куќа кај Пролетер. Отсечено е селото Т‘лминци со 20 жители, од надојдената река преку мостот. Надојдени се водите на Куков Дол. Кај место викано „Над Базен“ има излевање на водата на Крива Река. На патниот правец Крива Паланка – село Луке“ од синоќа сообраќајот е целосно во прекин во двата правци поради свлечиште.
Големиот водостој на Крива Река го прекина и сообраќајот на патните правци од Крива Паланка кон село Варовиште и Крива Паланка – село Граден.
Во Општина Старо Нагоричане надојдена е и реката Пчиња кај Пелинце.
Од Општина Липково известија дека нивоата на реките е зголемена, но нема опасност од поплавување. Акумулациите Глажња и Липковско Езеро се полни и има прелевање, но нема опасност од излевање на речното корито.
Во Прилеп се испумпуваше вода од деловн објекти на улиците „Трајко Николоски“ и „Раде Ивановски“.
Во село Долно Агларци (Општина Новаци) имаше поплавување на дворни површини заради нефункционирање на пропуст на одводен канал.
Регионалниот ЦУК Тетово известува дека се излеала реката Лакавица во нивите на село Турчане.
Екипите на Општина Македонски Брод синоќа цела ноќ биле на терен за да ги санираат последиците од поплавените улици низ градот и на неколку свлечишта во околината.
Центарот за управување со кризи презема превентивни и координативни мерки утрово по информацијата од УХМР за зголемен водостој на локални реки и реката Вардар. Можни се излевања во Полошката Котлина, тетовско-гостиварскиот регион, во сливот на река Лакавица и на други критични места во горниот дел од сливот на Вардар.
Сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп од утрово е во целосен прекин поради обилни врнежи од дожд и излевање на Раечка Река, кај село Раец.
Состојбата кај Плетвар е загрижувачка, откако утрово беше соопштено дека патот Градско – Прилеп е во целосен прекин. Водата носи се пред себе кај новите тунели кај Фариш. Автомобили се заглавени на овој патен правец.