Има неколку процеси кои се нешто надпартиско и треба да бидат настрана од партиски препукувања. Прва би ја истакнал негативната селекција при вработувањата во државните институции, втора коруптивноста на институциите и коруптивноста на правосудниот систем. Трет процес би бил младинскиот стандард и четврта работа која исто така за која мора да има консензус се националните интереси на Македонија, изјави Сергеј Попов, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во „Топ Тема“ на Телма.
Попов истакна дека во изминативе неколку месеци градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја враќаат надежта кај младите и народот дека кога нешто се сака, се може.
– Имаме раздвижување на дневна основа, се отвораат мултинаменски игралишта, спортски центри, се реконструираат улици, се најавуваат проекти, се гледа раздвижување. Конкретно во Скопје се отвори спортски центар во Аеродром, а во соработка со ФФМ се најави стадион во Аеродром, два спортски центри во Бутел и тоа е тој нов импулс кој новата локална власт ја враќа надежта кај младите, нагласи Попов.
Во врска со советите на општините Попов изјави дека речиси и да нема општина во Македонија каде нема советник од редовите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДМНЕ.
– Тие советници ние сме ги делегирале, а партијата им дала шанса за истите да можат да влезат во општинските совети и ние младите да имаме младински претставници кои ќе се залагаат за младите. Морам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на младите луѓе Имаме и претседатели на совети кои се од УМС во даде општина, а имаме и градоначалници, а и најголем дел од градоначалниците во Скопје од ВМРО-ДПМНЕ се луѓе кои само што излегоа од Унијата на млади сили, истакна Попов.