Попов објасни дека следувала одговорна реакција од Владата, додавајќи дека виновниците ќе одговараат без оглед на политичка припадност.
„Во текот на денешниот ден само се одземени 479 лиценци за работа на разни фирми кои работат во делот на проектирањето, изградбата итн. Јас уверувам и апелирам до сите граѓани, а особено до младите луѓе, бидејќи нас како млади оваа трагедија најмногу не стресе, да имаат верба во државата, да имаат верба во институциите, институциите работат ревносно. Нема да има човек кој за оваа несреќа нема да биде одговорен“, изјави Попов.
Попов испрати јасна порака до младите дека ќе има правда, а институциите и сите засегнати ќе ја обезбедат истата.
„Ќе упатам еден апел, иако го гледам тоа од страна на институциите дека ревносно се борат, сите кривци кои не донесоа до ова да ни загинат 59 млади луѓе, и секако дека овде не смее да се застане. Јас ќе повторам дека ми е многу жал што мораше да се случи една ваква трагедија, за едно општество да се освести и стане. Но, ми е многу жал што сме имале вакви трагедии, а никој не реагирал. Се сеќаваме за минатите трагедии како се завршуваше, гледаме сега еден друг пристап, поодговорен пристап, и апелирам на смиреност кај граѓаните. Го разбирам комплетно нивниот револт, нивниот порив да се солидаризираат, да бидат заедно, заедно да бараат правда, и заедно едноставно да се осигурат дека правдата ќе дојде. И јас целосно како млад човек стојам позади тоа и како припадник моментален на ВМРО-ДПМНЕ, ги уверувам младите луѓе дека Владата, институциите, сите засегнати, прават се што е во нивна моќ како никогаш досега, да ги најдеме вистинските виновници, и за ова, и за се што ни се случувало изминатите периоди“, заклучува Попов.