Денес сме повторно овде собрани за да кажеме НЕ, не на асимилација, не на бугаризација и не на бришење на нашиот македонски национален идентитет. Последнава недела сме секој ден на улиците да го искажеме нашето мислење околу бугаризацијата завиткана во француска обланда која ни ја сервираат замислете како најдоброто нешто што ни се има случено. Пак ќе ве прашам што имаме да им порачаме на домашните предавници и на бугарските шовинисти, вели Сергеј Попов, претседател на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест „Ултиматум НЕ – благодарам“ пред македонското собрание.
Попов потенцираше дека власта не ја интересира за егзодуст на младите во Македонија, нагласувајќи дека на младите им е преку глава од оваа власт бидејќи носи погрешни одлуки и ја носи државата во погрешна насока.
За егзодусот на младите од Македонија господата во Влада не ги интересира, како да не си одат младите кога ги лажевте за гаранција за вработување, за висок стандард а на крај само ќе ги оставите без матична држава. Преку глава ни е, цела држава да оди во погрешна насока, да се носат одлуки против желбите на народот затоа што така им текнало во Муртино и Зајас. Ова веќе не може, јас и младите ви кажувам нема да ви помине неказнето, порача Попов.
Преку глава ни е да слушаме за теми од 19-ти век, ние сакаме да зборуваме за иднината, да зборуваме за развој и прогрес, но немој да нè потцените и да се излажете дека ни е сеедно! Нема да дозволиме и нема да прифатиме бришење на идентитетот и сквернавење на историјата и фактите од минатото, нема да признаеме и да ги трансформираме бугарските фашисти во некакви си администратори. Нема да ја заборавиме Ваташа и дванаесетмина кои загинаа, нема да ги заборавиме илинденците, асномците, петте струмички студенти и сите оние кои животот го положија за слободна и независна Република Македонија. Тие гинеа, а овие во Владата продаваат, ќе продадат сè само да не ги изгубат власта, за пуста власт живи луѓе ќе јадеа, а ние од нив очекуваме да се борат за нас и нашите интереси. Од нив можеме да очекуваме само ново предавство, но овој пат овој кроток народ нема да ви дозволи, нема да ви помине, бидејќи сите во еден глас ви порачуваме НЕ, потенцираше Попов.
Попов упати порака до сите млади да се приклучат на протестите и да не дозволат различните политички ставови да ги оттргнат од оваа борба која ги обединува.
Порака до моите врсници и до оние помлади од мене: ве замолувам да излезете масовно и приклучите се, немојте политичките ставови по други прашања да ве оттргнат од оваа борба која сите не обединува, не дозволувајте поради пиење кафе, излегување, шетање да се намали масовноста и да им пројде ова предавство, рече тој.