Евроинтегративниот процес на Македонија го гледам низ призма да излеземе ние подобри од целиот тој процес, а да не се национални обезличувања, истакна Сергеј Попов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во Радио Лидер.

Попов се осврна на предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон ЕУ, потенцирајќи дека државата заслужува како и сите останати земји, да влегуваме во ЕУ низ мерит систем.

-Сметам дека заслужуваме како сите останати земји, да влегуваме во ЕУ низ мерит систем, односно низ исполнување на оние домашни задачи коишто се зададени од ЕУ. И сметам дека би било крајно неодговорно да влеземе во една таква авантура на пристапување со преговорите со ЕУ преку гласање на уставните измени, без да знаеме дека тоа е последната отстапка, рече Попов.

Попов додаде дека потребно е да продолжиме интензивно да ја спроведуваме Реформската агенда, никако преку национални обезличувања и дека само на тој начин може да станеме дел од европското семејство.

-Сметам дека ние треба да продолжиме интензивно да ја спроведуваме Реформската агенда, овде во Македонија, да си ја завршуваме домашната задача, ние да бидеме поуспешни за самите себе, а верувам дека ЕУ на тој начин само може да дојде. Никако само преку национални обезличувања како што тоа го правеше СДС, дециден е пратеникот Попов.