Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против полициски службеник вработен во криминалистичката полиција при СВР Тетово, со иницијали Ф.Н., под сомнение за кривичното дело „попречување на правдата“.

Случајот е доставен до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Според истрагата, инцидентот се случил на 4 октомври годинава, за време на полициска акција во која биле уапсени две лица осомничени за производство и трговија со дрога.

Осомничениот полициски техничар, кој тој ден бил дежурен во крим-техника, му овозможил на свој колега О.С., кој не бил на должност, но бил татко на еден од приведените, да пристапи до службената документација и доказите.

Не само што му дозволил да разгледува и преместува материјали, туку и да присуствува при собирањето на биолошките траги од уапсените. Според наодите, токму во тој момент било заменето примерокот на урина – наместо синот, тестот го дал таткото.

Подоцнежното вештачење ја потврдило замената на примерокот, со што, според обвинението, била попречена истрагата и отежнато докажувањето на случајот.

Од Министерството за внатрешни работи најавија дека против осомничениот ќе биде поведена дисциплинска постапка, а тој ќе биде отстранет од работа до нејзино завршување.