Преку Единствениот број за итни случаи 112 попладне во 15.05 часот во Центарот за управување со кризи (ЦУК) било добиено известување дека едно лице веќе четири дена е заглавено во неговата викендица во месноста „Гатеново“ над село Радња, кавадаречко, поради големи снежни наноси, и е останато без таблети за притисок и без храна, информираа вечерва од ЦУК.

Оттаму дополнуваат дека Регионалниот ЦУК Кавадарци во 15.10 часот контактирал со зимската служба и добиен е одговор дека во текот на денот исконтактирано е со лице кое се наоѓа во месноста „Гатеново“ до селото Радња.

-Од лице од зимската службата му е понудено од таму со „четирицикл“ да го пренесат во Кавадарци. Лицето од викендицата одбило да биде пренесено со „четирицикл“, бидејќи не знаело што да прави со неговите две кучиња. Во 15:35 часот е контактирано со градоначалникот Митко Јанчев и тој во 16:00 часот потврди дека поради лошиот пат и има многу искршени гранки и дрвја од снегот на патот, е ризично вечерва да испратат трактор во месноста „Гатеново“, појаснија од ЦУК.

Од тие причини, било контактирано лицето и договорено е утре во 06:45 часот по него да тргнат со трактор со нож и моторна пила за сечење гранки.

Со нив ќе биде и член од семејството на лицето кое е во местото „Гетеново“ за да им го покаже патот, бидејќи, се работи за планински терен надвор од селото, каде што има само викендички со голема оддалеченост една од друга. Селото Радња е во центарот на мапата, над него повисоко била месноста „Гатеново“, каде што имало само викендички со голема оддалеченост една од друга, појаснуваат од ЦУК.

Според информациите од ЦУК Велес, висината на снежната покривка изнесува до 70 сантиметри во ридско – планинскиот дел на Општина Кавадарци. Зимската служба за одржување на улици и патишта – Општина Кавадарци интервенирала со еден камион кон селата Рожден и Мајдан и патот до село Радња е непрооден.