Поради Гренланд
Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување нови царини за повеќе европски земји кои извезуваат во САД, мерка што ќе започне да се применува од 1 февруари.
Трамп соопшти дека царините ќе останат на сила сè додека не се постигне договор за целосно преземање на Гренланд од страна на Соединетите Американски Држави.
„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска ќе подлежат на царина од 10% за сите добра што ги извезуваат во САД. На 1 јуни, царината ќе биде зголемена на 25%“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Изјавата следува по неговата закана од претходниот ден дека ќе воведе царини за сите држави кои нема да се согласат со неговите планови за преземање на Гренланд.
„САД со години ги субвенционираа Данска и Европската Унија со тоа што не им наплаќаа царини. Време е Данска да возврати. Светскиот мир е во прашање! Кина го сака Гренланд и нема ништо што Данска може да направи во врска со тоа“, кажа Трамп, додавајќи дека Гренланд е заштитен само од две санки со кучиња.
Тој ги обвини Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска дека пристигнале на Гренланд со нејасни цели и дека, како што рече, играат многу опасна игра.
Овие држави оваа недела објавија дека ќе ја поддржат операцијата „Арктичка издржливост“, предводена од Данска, чија цел е воспоставување попостојано воено присуство на Гренланд.
Откако повторно се врати во Белата куќа, Трамп континуирано се заканува со преземање на Гренланд, при што не ја исклучи ниту можноста за употреба на сила, тврдејќи дека островот е од витално значење за националната безбедност на САД и дека само Вашингтон може да го заштити од можна окупација од Русија или Кина.
Поради Гренланд
