– Недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи , за што Народниот правобранител еднаш веќе реагираше, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките, се вели во соопштението на народниот правобранител.
Конкретно овие граѓани, додаваат, не по нивна вина се ставени во незавидна позиција, од една страна, да останат без основни средства за живот, а од друга страна, заради неможноста да си ги подмират долговите кон јавните претпријатија и другите даватели на услуги (струја, вода телефон) да стравуваат дека истите ќе им бидат ускратени .
Покрај ова, Народниот правобранител, потсетува дека оваа есен претстои одржување на пописот како и на локалните избори- операции за чие спроведување на граѓаните им требаат важечки лични документи, па апелира надлежните институции да изнајдат начин за надминување на овој проблем.
– Народниот правобранител во повеќе наврати има потенцирано дека за доследно почитување на со уставот и законите загарантираните права, потребни се силни институции со голем капаците, а сегашната ситуација со обновата на личните документи, не оди во овој правец, се наведува во соопштението.