Родителите од 302 семејства лани не ги однеле децата на некоја од задолжителните вакцинации – 132-ца од нив се одзвале на повикот и се согласиле да ја платат предвидената парична казна, а 170 родители воопшто не одговориле на повиците на надлежните институции и тие веќе добиваат покани за на суд, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „А1он“.

170-те родители не се одзвале на повиците за вакцинирање, ниту се јавиле на повикот да приложат докази до надлежната институција дека нивното дете не смее да прими вакцина поради здравствени проблеми. За нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд и во тој случај висината на казната ја утврдува судот.

Дел од родителите велат дека ги изненадила поканата за суд, иако признаваат дека нивното дете не ја примило посочената вакцина.

„Од вкупната бројка, 132 лица се одѕвале на повикот и се согласиле да ја платат паричната казна. Се спроведува постапка за порамнување, која подразбира повикување на родителот да ја плати предвидената глоба во рок од 8 дена. Доколку прифатат, предвидената казна се преполовува“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“.

Постапката за повикување на одговорност на родителите, според ДЗСИ, е следната:

– Вакциналните пунктови и родилиштата испраќаат известување за родители што не ги имунизирале своите деца со вакцини предвидени во задолжителниот календар, а во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести.

– Врз основа на добиените податоци се спроведува постапка за порамнување, која подразбира повикување на родителот да ја плати предвидената глоба во рок од 8 дена. Доколку прифатат, предвидената казна се преполовува.

– Висината на глобата изнесува од 300 до 650 евра во денарска противвредност и таа е усогласена со Законот за прекршоци.

Доколку, пак, родителите воопшто не се јават на поканите, за нив е поднесено барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд.

– Во тој случај родителите освен досудената казна, ќе мора да ги платат и судските и адвокатските трошоци на спротивната страна. Висината на овие трошоци зависи од должината на спорот, колку рочишта ќе има или дали евентуално ќе има ангажирање на вештаци, велат од ДЗСИ.