Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, изјави дека првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски може лесно да тврди дека тука не може да добие фер судење поради реториката што се шири против него во јавноста, пропратена со термини како „монструм“, „психопат“, „свирепо убиство“.
Во изјава за медиуми пред панел-дискусија за корупција во високото образование, Калајџиев кажа дека нашата историја во однос на резултати за гаранција на фер судења, како што рече „не е најдобра“, а во однос на прашањето дали Палевски како лидер на политичка партија има право да побара политички азил, професорот одговори дека смета дека тој не е таков политички фактор.
– Во политичкиот дел може се да се употреби или злоупотреби. Имаме искуство со Груевски во Унгарија. На Груевски тогаш многу му помогна таа одлука на Даштевски дека тој не добил кривично судење од Антидискриминаторската комисија.Таа му беше кец на десетка, дека тој тука нема да добие фер судење. Објективно, Љупчо Палевски – Палчо не е таков политички фактор, ниту е постапката против него политички монтирана, барем тоа не се гледа на прво. Меѓутоа, тој тоа може да го тврди бидејќи тука го прогласуваат без да биде сослушан за сторител. И тој може да рече процесот е монтиран. И сега има некакви елементи и за тоа, појасни професорот.
Тој посочи дека е многу значајно професионално да се известува во јавноста, а, како што рече, „особено внимателни да бидат органите на прогон“.
– Они сега не може да флертуваат со јавноста па да плукаат по сторителите – монструми, вакви, такви, најстрого ќе ве казниме. Тие допрва ги чека судење. Ние живееме во 21 век. Секој има право прво да биде сослушан, никој не го сослушал него, вели професорот.
Во однос на постапката за екстрадација, професорот смета дека таа ќе потрае повеќе.
– На почеток мора да ги достави сите документи што се бараат од најважните за наредбата за истрага и соодветни докази, не мора сега тоа да биде којзнае како, таму нема да се докажува, да се процени само сериозноста за кој тип на дела се работи со оглед на тоа дека нема изречување за политички дела и слично, да се прикаже дека е практично обично свирепо кривично дело. Постапката, за жал, наспроти очекување на нашата јавност, најверојатно ќе потрае повеќе, смета професорот.
Барањето за екстрадација кое министерот го потпиша вчера доаѓа по апсењето на првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кој беше уапсен во Турција. Меѓународната потерница по него беше издадена на 4 декември, а аспењето се случи утредента.
Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин. Во истрагата на Јавното обвинителство се опфатени уште четири лица, односно соизвршителите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината.
Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото но Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата.