Екипите на терен работат со тешка механизација и дронови

Влошените временски услови во Романија оставија без електрична енергија 11.250 домаќинства во окрузите Алба, Марамуреш, Салаж, Прахова и Клуж, соопшти министерот за енергетика, Богдан Иван.

– „На терен се мобилизирани 341 екипа со 911 специјалисти кои извршиле над 5.000 интервенции. Се користи тешка механизација, кранови, дронови, па дури и моторни санки, бидејќи многу од дефектите се во тешко достапни предели каде патиштата се сè уште блокирани“, изјави Иван на прес-конференција.

Министерот вети нормализација, но предупреди на нови прекини

Иван најави дека снабдувањето со електрична енергија треба да се врати во нормала до крајот на неделата. Сепак, тој предупреди дека нови прекини се можно поради очекуваното екстремно заладување, со температури под нулата.

– „Од следната недела температурите ќе се спуштат до -15 степени, што ќе ја зголеми потрошувачката на гас за 20 проценти. Нашите складишта се полни со 70 отсто од капацитетот, што е значително над европскиот просек“, прецизираше министерот.

Снежниот бран предизвика проблеми и во сообраќајот

Лошото време доведе до сериозни доцнења во железничкиот сообраќај, особено во реоните на Крајова и Темишвар, со интервали од четири до пет часа. Првиот снег во Букурешт, пак, го отежна сообраќајот на првиот училишен ден во 2026 година.