Јавната седница во Апелацискиот суд во Скопје за жалбите на пресудата за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска беше одложена поради влошена здравствена состојба на еден од обвинетите, Боре Видевски, кој во моментот се наоѓа на болничко лекување.

Како што информира неговиот бранител, адвокат Бојан Манев, Видевски е хоспитализиран поради проблеми со бубрезите.

– Лицето живее со еден бубрег, кој му е дониран, континуирано не е лекувано во затворското одделение и затоа не може соодветно да се лекува бидејќи има континуирана потреба од дијализа. Тој од август првпат е однесен на лекарски преглед на 17 март оваа година, каде што, според параметрите, неговиот креатинин – за кој нормалните вредности се од 50 до 100 – изнесувал 600, а пред два дена бил 850. Во такви услови буквално се влошила неговата здравствена состојба во притворското одделение и бил однесен на Клиниката за нефрологија при Клиничкиот центар во Скопје, каде што моментно е на болничко лекување – изјави адвокатот.

Прашан доколку Видевски не биде во можност да дојде на наредниот термин, дали ќе се обезбеди согласност за да не се одложи рочиштето, одговори потврдно.

– Јас ќе се обидам да обезбедам согласност, меѓутоа проблемот овде е системски, бидејќи доколку лицето има соодветен болнички третман и соодветно лекување, нема да има проблем да присуствува на рочиштата. Моментно обвинетиот е во притвор, но притворот може да биде и во Шуто Оризари и во болнички услови, како и куќен притвор. Во сите случаи за него најважно е да добие соодветен болнички третман. Доколку го има тоа, тој ќе присуствува. Што се однесува до согласноста, таа не е проблем – ќе ја обезбедиме – рече адвокатот.

Предметот е во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство, кое се жали во делот на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и за второто дело на обвинетите. Денешната расправа беше одложена за 11 мај 2026 година.

Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.

Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.