Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ја откажал најавената посета на Американско-канадската епархија поради здравствени причини и по препорака на лекарите, соопшти МПЦ-ОА.

Посетата била најавена за крајот на август, во рамки на собирите и манифестациита на Американско-канадската епархија, чиј домаќин годинава е Црковната општина „Св. Кирил и Методиј“ во Вилоубрук, Чикаго.

МПЦ-ОА во краткото соопштение наведува само дека посетата е откажана по препорака на лекарите, без да наведе детали за здравствената состојба на Архиепископот Стефан. Тој не учествуваше ниту во богослужбата за празникот Преображение на 19 август.

Од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА му посакуваат на Архиепископот брзо закрепнување, за да може да ги продолжи редовните активности како поглавар на Македонската Православна Црква.

-Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ја известува јавноста дека, поради здравствени причини и по препорака на лекарите, Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан нема да ја оствари најавената посета на Американско-канадската епархија, а која требаше да се оствари по повод претстојните собирски манифестации на таа наша епархија, чијшто овогодишен домаќин е Црковната општина „Св. Кирил и Методиј“ во Вилоубрук (Чикаго). На Архиепископот Стефан, со Божја помош, му посакуваме брзо закрепнување, за да може уште многу лета да раководи со нашата Света Црква, пишува во соопштението.