Сопственикот на приватната очна болница „Санте Плус“, Билал Кара, за кого надлежните органи во Албанија имаат распишано потерница, се наоѓа меѓу приведените во полициската акција за финансиски злоупотреби на средства од Фондот за здравствено осигурување. Заедно со него е лишена од слобода и поранешната директорка на болничката установа, Гериана Арапи.

Кара и Арапи фигурирале и како сосопственици на приватната клиника „Интернешнл Медикер“ лоцирана во Тирана, која функционира во рамките на групацијата „Санте Плус“. Во септември минатата година, албанската полиција ја блокираше таа клиника во рамки на акцијата „Биланци“, означувајќи ги двајцата сосопственици како барани лица. Според официјалните наводи на албанските органи, преку шема со нефискализирани фактури било реализирано даночно затајување во износ поголем од еден милион евра за периодот меѓу 2024 и 2025 година. За време на претресите таму биле пронајдени 27 вида медикаменти со сомнителен и истечен рок на употреба, нефискализирани уплатници, компјутерска опрема и пет непријавени работници. Кара претходно беше именуван и за почесен конзул на Македонија во Турција со седиште во Измир.

Полицијата го спроведе Кара заедно со уште седуммина приведени во Кривичниот суд пред судија на претходна постапка. Истражната постапка вкупно опфаќа 11 лица, меѓу кои се и други вработени во приватната очна болница, како и поранешни и актуелни раководни и контролни кадри во Фондот за здравствено осигурување.

Според наводите во пријавата, на пациентите, покрај редовната законска партиципација, незаконски им била наплаќана и дополнителна приватна цена за извршените оперативни зафати. На осигурениците воопшто не им било пренесувано дека истите медицински услуги веќе биле целосно фактурирани и наплатени од Фондот. Пресметките покажуваат дека на овој начин биле директно оштетени меѓу 3.000 и 4.000 пациенти.

Помеѓу осомничените се наоѓаат и двајца поранешни директори на Фондот, меѓу кои и Ден Дончев. Сомнежите се дека во текот на 2020 година склучиле договор со овластен претставник на здравствената установа спротивно на важечките процедури и внатрешните акти на институцијата, со што директно бил воспоставен системот за двојна наплата.

Истрагата го товари директорот на Секторот за контрола дека не доставувал извештаи за констатираните неправилности до надлежната комисија и намерно ги пролонгирал редовните надзори. Две раководителки на сектори се сомничат дека не ја следеле наплатата на веќе изречените парични казни и не ги информирале службите, овозможувајќи исплатите кон болницата да продолжат без пребивање на акумулираните обврски. Штетата врз буџетот на Фондот за здравствено осигурување се проценува на 104.818.754 денари, односно околу 1,7 милиони евра, додека приватната болница се товари дека стекнала противправна имотна корист од дополнителни 4,25 милиони евра.