Поранешниот британски државен обвинител Џереми Рајт го повика премиерот и партиски колега Борис Џонсон да поднесе оставка, поради забава во официјалните простории за време на карантинот против ширењето на коронавирусот, јавува Би-Би-Си.
Рајт, кој функцијата државен обвинител ја извршуваше во период на владите на Дејвид Камерон и Тереза Меј, рече дека случајот предизвикал „вистинска и трајна штета“ на угледот на владата на Џонсон, како и на угледот на институциите и на авторитетот на владата воопшто.
„Корегирањето на оваа работа е исклучително важно за суштината на авторитетот на власта и за ефикасноста на државната политика и не гледам дека извинувањата од државните функционери, без разлика колку и да се искрени, ќе успеат да поправат сè. За доброто на сегашната па и на идните влади, премиерот треба да поднесе оставка“, рече Рајт.
Тој се приклучи на повикот на 27 други конзервативни пратеници до премиерот Џонсон да поднесе оставка. Повеќето од нив и официјално побараа гласање за доверба на Владата. За тоа е потребно барање на 54 пратеници во британскиот Парламент.
Џонсон ја прифати одговорноста по објавувањето на извештајот на високата државна службеничка Су Греј, која ја водеше истрагата за забавите.
Тој рече дека се чувствува „засрамен“ и дека ја „научил лекцијата“, но дека треба „да продолжи понатаму“ и да се фокусира на државните приоритети.