Се огласи Беким Сали, поранешниот министер за здравство кој својот наследник го нарекува „Аџи пишман Меџити“ бидејќи според него, не останал конзитентен во своите одлуки.
„Денеска го отпушта професорот, зашто мислел дека тој му правел штета на здравството па дури со својот претседател (на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари. н.з.) споделил ‘вознемирувачки информации’ за директорот на Кардиохрирургија, за веќе утре да сака да го земе за свој советник зашто сетга мисли дека е тоа ‘добро за Министерството за здравство’.
Па значи, одете е запознајте се со Фатмир Меџити! Со Аџи Пишман“, коментира поранешниот министер Беким Сали, кој од функцијата замина пред повеќе од три месеци откако неговата партија Алтернатива мораше да замине од Владата бидејќи премиерот реши наместо со партијата на Африм Гаши владина коалиција да доградува со партијата на Арбен Таравари, Алијанса за Албанците, од чии редови е Меџити.
Вчера Меџити на брифинг за новинарите изјави дека го повикува проф. д-р Сашко Јовев да биде негов советник за кардиорирургија и дека разрешувањето од функцијата директор на Државна кардиохирургија не значи дека нема да продолжи да работи во истата клиника како лекар.
Во изјава за МКД.мк проф. д-р Јовев вчера изјави дека министерот не контактирал со него за да му понуди советничка функција, таквата негова намера ја разбрал од медиумите, но дека, без оглед на тоа, рече, понудата е неприфатлива.
„Прифатливо е само да се промени неговата одлука за мое разрешување“, изјави д-р Јовев.