Наталитетот опаѓа – Општините нудат помош и бенефиции, но бројките паѓаат

Само 556 првоодделенци треба да бидат запишани оваа есен во велешките основни училишта – 101 дете помалку од минатата година. Но и оваа бројка е несигурна. До почетокот на учебната 2025/26 година има уште три месеци, што остава простор бројката да се намали уште повеќе.

Според податоците од МВР, во Велес функционираат седум основни училишта, а децата што годинава се запишуваат се родени во 2019-та – година кога се родиле 600 бебиња во велешко. Во изминатите пет години, околу 50 деца „недостигаат“ – исчезнати во статистиката, но не и во реалноста: ги нема поради иселување.

Велковски: Намалениот наталитет, иселувањето и недостигот на перспективи се прашања на кои мораме да одговориме со конкретни и долгорочни мерки

Иселување – најголемиот „непријател“ на образованието

Семејства заминуваат во странство или во Скопје, а со нив и децата. Училишните клупи остануваат празни, детскиот жагор сè потивок. Родители, баби и дедовци вината ја гледаат во масовното заминување на младите – економската несигурност, недовербата во системот и надежта за подобро утре подалеку од Македонија.

Општината Велес се обидува да се справи со белата чума преку скромна поддршка: 3.000 денари за секое новороденче. Минатата година бројот на новороденчиња не се намалил, што за локалните власти е знак на надеж. Но надежта не е стратегија.

Во соседната општина Лозово, работите изгледаат поинаку. Таму се вложува во иднината. Основното училиште е модерно, со смарт табли, интерактивни панели, библиотека, бесплатен оброк до петто одделение, бесплатна екскурзија до Струмица, па дури и 10.000 денари за секое новороденче. Градинката е исто така бесплатна. Сето тоа го плаќа општината. Резултатот? Бројките се стабилни.

Но во селото Богомила, срцето на Азот, годинава нема ни едно дете за во прво одделение. Тишината таму зборува повеќе од било која статистика.

Строга реонизација и проблеми со прегледите

Од оваа година започнува стриктно спроведување на реонизацијата – запишување само според местото на живеење, без исклучоци освен во здравствени или јазични ситуации. Целта е да се спречи концентрирањето на деца во популарните училишта како „Блаже Конески“ и „Св. Кирил и Методиј“.

Истовремено, се вршат задолжителни систематски прегледи за идните првачиња. Но во велешката болница нема офталмолог, па тие прегледи сè уште не започнале. Здравствените институции најавуваат флексибилност и продолжување на роковите каде што е потребно.

Во велешко, заедно со општините Чашка и Градско, се очекуваат 630 првачиња на есен. Но дали сите тие ќе останат тука? Тоа ќе зависи од одлуките што државата ќе ги донесе денес – не утре.