Управата за хидрометеоролошки работи издаде официјално портокалово предупредување за опасност од силен ветер во Западна Македонија, како и жолто предупредување за подрачјето на Источна Македонија. Метеоролошките служби укажуваат на промена на времето под влијание на интензивно воздушно струење.

„Под влијание на јужно воздушно струење утре наместа ќе дува силен јужен ветер кој повремено ќе достигнува брзина над 80 километри на час. Температурите ќе бидат значително над просекот за овој период од годината“, се вели во предупредувањето од УХМР.

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со повремени локални врнежи од дожд. Во Скопје ќе преовладува слично време, променливо облачно со сончеви периоди и со умерен ветер од јужен правец.

Метеоролозите најавуваат дека под влијание на серија влажни бранови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла, додека од сабота, поради продор на постудена воздушна маса од север, температурите ќе бележат пад, особено во северните предели.

Алармите за предупредување на населението од временски непогоди се издаваат во жолта, портокалова и црвена боја и претставуваат дел од европскиот систем за метеопредупредувања. Жолтиот аларм означува умерена опасност со можни умерени последици, портокаловиот статус упатува на голема опасност, додека црвениот аларм предупредува на екстремни појави со можни катастрофални штети врз населението, имотите и околината при појави како ветер, дожд, студ или поплави.