Португалија најверојатно ќе ја укине таканаречената „златна визна програма“, што им овозможуваше на богатите странци престој на нејзина територија, соопшти премиерот Антонио Кошта.

На маргините на технолошкиот форум „Веб самит” во Лисабон Кошта рече дека во моментов се реевалуираат неколку португалски визни програми, вклучително и програмата за златни визи.

„Можеби таа веќе ја исполни својата улога и не треба повеќе да ја поддржуваме“, изјави премиерот пред медиумите, посочувајќи дека официјалната одлука по тоа прашање ќе биде објавена откако ќе заврши евалуацијата.

Кошта рече дека Португалија сака да остане привлечна за странците во иднина преку мерки како законот усвоен во понеделникот за давање визи на таканаречените „дигитални номади“. Легислативата им овозможува на странските државјани со високи месечни примања што работаат на далечина да живеат и работат слободно во Португалија во период до една година.

Таканаречената „дозвола за престој за инвестициска активност“ за луѓе од земји кои не се членки на ЕУ, инаку попозната како програмата „златна виза“ наиде на големи критики во Португалија, од причина што придонесува за раст на цените и кириите, а на неа се спротистави и Европската комисија (ЕК).
Во Португалија по тој основ беа привлечени странски инвестиции во вредност од 6,5 милијарди евра, главно од Кина, Бразил и Јужна Африка, со средства најмногу вложени во недвижен имот.

Оваа година Португалија ги промени регулативите, во обид да ги пренасочи инвестициите од веќе прегреаниот пазар на недвижности во големите градови, кон останатите области на земјата.

Еден од аргументите на ЕК во повиците за укинување на националните програми за продажба државјанства на инвеститори е дека тие долго време се сметаа за закана за националната безбедност на земјата-домаќин.

Велика Британија ги укина златните визи за богатите инвеститори во февруари поради загриженоста за протокот незаконски руски пари, непосредно пред руската инвазија на Украина да доведе до санкции без преседан против Москва.