Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето на „Топ тема“ разговараше за Планот за раст. Тој нагласи дека планот се фокусира на финансиските и економските реформи, како и на зајакнувањето на институциите. Маричиќ изјави дека учеството во планот не е задолжително и оние кои ќе одлучат да не учествуваат нема да ги попречуваат другите
Главните области на фокус ќе бидат реформите во економскиот систем, финансиската контрола, фискалната политика и основните вредности. Маричиќ изрази оптимизам за поддршката на Европската комисија за Планот за раст и нејзината посветеност на европската интеграција.
Посетата на претседателката на Европската комисија за Маричиќ е позитивен сигнал и охрабрување, со која се испраќа порака дека не само што Македонија има европска перспектива, туку и дека работи на неа.
– Нејзиниот фокус на оваа посета е токму Планот за раст. Иако беа спомнати и повеќе други теми она што таа ни го пренесе дека навистина постои тоа што ние го говориме веќе некое време дека навистина постои расположение кај државите членки да разговараат и да дејствуваат на полето на европските интеграции. Значи не е тоа само наша замисла и убава приказна или убава желба, туку дека е тоа навистина реалност и дека ќе го покажат тоа на дело дека Планот за раст ќе го ефектуираат во најскоро можен рок. Очекуваме на 8-ми ноември кога ќе бидат објавени Извештаите за сите држави од регионот да бидат објавени и деталниот План за раст, додаде Маричиќ.
Деталниот план се очекува да биде објавен на 8 ноември. Планот нуди можност за Македонија и ЕУ да се покажат и потенцијално да преговараат за дополнителни придобивки во иднина. Ова вклучува соработка во царината, е-трговијата, безготовинските плаќања, патничкиот сообраќај, транспортната заедница, пазарот на електрична енергија, роаминг пакетот и создавање на деловен централен регистар за компании од Западен Балкан. Маричиќ, исто така, спомена дека земјоделството ќе доживее поголема либерализација, што ќе им овозможи на македонските бизниси полесен пристап до пазарот на ЕУ.
– Цените за трговија ќе бидат со пониски трошоци и влегуваме во едно заедничко планирање на она што е важно за економијата, енергетика, електрична енергија, а и вложувањето во инфраструктурата. Сето тоа треба да даде на еден поттик за зголемување на бруто домашниот производ, но исто така и еден поттик за компаниите и оние коишто работат во овие клучни области да бараат нови пазари. Ако ова го врземе со барањето за реформи на некој начин се обврзува и бизнис заедницата, не само нели оние традиционални целни групи што бараат реформи, бизнис заедницата да притиска повеќе за реформите, бидејќи тие се непосредно врзани за финансиската помош и за поддршката на проектите, укажа Маричиќ во гостувањето на „Топ тема“.
Извор: Центар.мк