Компаниите почнаа да размислуваат како да ги намалат зголемените трошоци поради повисоките сметки за струја и гас кои пораснаа и до 300 отсто. Освен зголемување на цените на производите некој од компаниите најавија и отпуштање на работници. Вакви мерки се преземаат и во многу други европски држави, каде поради поскапата струја освен отпуштање на работници се затвараат и цели погони на некои од големите фабрики.

Поскапата струја и гас повеќекратно им ги зголемија трошоците на компаниите. Компаниите се пожалија дека сметките за струја и гас последниве два месеца им се зголемени од 150 до 300 отсто. Поради тоа, голем дел од нив почнаа да размислуваат како да ги намалат повисоките трошоци. Покрај инвестиции во нова опрема која троши помалку струја и реорганизација на производството, дел од компаниите најавија отпуштање на работници. Вакви мерки се преземаат и во многу други европски држави, каде поради поскапата струја освен отпуштање на работници се затвараат и цели погони на некои од големите фабрики.

Освен зголемување на цената на производите, доколку не се донесат соодветни мерки за помош, според сопствениците на компаниите ќе следат отпуштања на работници и затворање на многу компании.

-Ова е неиздржливо за компаниите. Од една страна имате огромен пораст на цените на енергенсите, а од друга забрана за зголемување на цените. Ако ваквата состојба продолжи уште месец-два ќе дојде до отпуштање на работници, затворање на многу компании и до целосен колапс на економијата, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ претседател на Групација на мелничко-пекарска индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Според експертите, пак оваа мерка би имале поголем ефект кај компании кои се големи потрошувачи на енергија.

-Отпуштања на работници заради намалување на трошоците за производство како резултат на зголемување на цените на енергенсите може да има кај големите компании кои трошат многу струја во технолошкиот процес на производство. Додека, пак кај другите компании кај кој електричната енергија не преставува голем трошок во производствениот процес може да дојде само до пораст на продажните цени, изјави, Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Поради глобалниот дефицит од работна сила, тој смета дека работодавачите нема да отпушта работници без причина, туку само во случај на голем пад на економската активност, односно намалување на производството.

-Ако обемот на потрошувачка на енергија кај компаниите остане ист, поради зголемената цена многу компании ќе бидат принудени да отпуштаат работници за да ги намалат трошоците на работење. Ова особено ќе се одрази на енергоинтензивните компании кои се големи потрошувачи на електрична енергија, изјави за ВЕЧЕР, Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.

Тој додава дека освен заштита на граѓаните од покачување на цените на производите треба да се преземат мерки и за заштита на работните места на работниците кои работат во овие компании.