Повисоки цени и поквалитетна услуга во такси превозот во Охрид, ќе има со новата одлука на Советот на таа општина.
Според одлуката, од 1 мај, стартната цена ќе изнесува 50 денари, а за секој нареден километар по 35 денари во периодот од 5 до 23 часот и 45 денари од 23 до 5 часот наутро.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков најави дека проблемот со лиценцирани и нелициенцирани такси превозници ќе се решава со жолти таблици, кои треба да се заменуваат тековно.
– Цената е повеќе од пристојна со која се согласуваат сите. Инспекциски служби ќе си ја вршат својата работа и да овозможиме да бидеме достапни и пристапни. Ќе биде извршено и баждарење на таксиметрите, рече Пецаков.
На такси-постојката кај Поштата, како најкористена, посочи дека ќе биде обележан број, каде ќе можат да пријават туристите и граѓаните неправилности, доколку некој одбие да ги вози, ако не вози по таксиметар и слично.
Одлуката за зголемување на цените е на барање на такси превозниците, а подобрувањето на квалитетот на услугите е на барање на корисниците.
Досега возењето со такси во Охрид чинеше 50 денари прв километар, а секој нареден по 30 денари.