Арапските и другите муслимански земји започнаа интензивни дипломатски напори за да спречат избувнување на нов вооружен конфликт меѓу САД и Иран, во услови на нагло зголемени тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Како што оценува „Фајненшл тајмс“, станува збор за „последни напори“ пред можен судир.

Земјите од Персискиот Залив, пред сè Катар, Оман и Обединетите Арапски Емирати, водат паралелни разговори и со американската и со иранската страна. Целта, според изворите, е да се спречи лизгање кон отворен конфликт.

Британскиот весник наведува дека дипломатските канали функционираат со полна брзина, но засега без конкретен напредок.

„Напорите продолжуваат, но сè уште не е постигнат вистински напредок“, изјавил висок дипломат за „Фајненшл тајмс“, предупредувајќи дека просторот за дипломатија брзо се стеснува.

Значајна улога во овие иницијативи презеде Турција, која заедно со Пакистан јавно ги поддржа арапските напори. Анкара најави дека на 30 јануари ќе биде домаќин на разговори со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи и можност за телеконференција меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Сепак, аналитичарите потсетуваат дека Пезешкијан, иако важи за поумерен реформатор, не може да носи клучни одлуки без одобрување од врховниот лидер Али Хамнеи.

И покрај дипломатските сигнали, Вашингтон истовремено ја заострува реториката. Оваа недела Трамп повторно му се закани на Техеран со воени напади, изјавувајќи дека „времето на Иран истекува“.

Американските медиуми објавуваат дека Белата куќа разгледува и опции за „широк удар“, откако прелиминарните контакти за ограничување на нуклеарната програма на Иран не донеле резултати. Иранските власти, пак, порачаа дека ќе одговорат „веднаш и решително“ на секоја воена акција.

Според извори на Си-ен-ен, администрацијата на Трамп анализира повеќе сценарија, меѓу кои и воздушни напади врз политички и безбедносни лидери, нуклеарни објекти и клучни државни институции во Иран. Ваквите проценки дополнително ги загрижуваат сојузниците на САД во регионот.

На почетокот на јануари, САД и Иран разменија пораки преку омански дипломати, во процес во кој беа вклучени специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и Арагчи. Се разгледувала можност за директна средба со цел деескалација, но таа не се реализирала.

Американската страна поставила строги предуслови за разговори, вклучувајќи трајно запирање на збогатувањето ураниум, нови ограничувања на балистичката ракетна програма и прекин на поддршката за сојузничките сили на Иран во регионот. Техеран одговорил дека е подготвен да разговара исклучиво за нуклеарното прашање.

Според „Фајненшл тајмс“, арапските и муслиманските земји директно го предупредиле Трамп дека евентуален напад врз Иран може да предизвика поширок регионален конфликт. Како можни последици се наведуваат и напади врз нафтените и гасните постројки во Персискиот Залив, со сериозни импликации врз глобалната енергетска безбедност.

Клучната пречка за дипломатско решение, според соговорниците на весникот, останува ставот на Техеран дека американските барања претставуваат капитулација. Врховниот лидер Али Хамнеи, како што се наведува, не е подготвен да прифати таков исход.

Експертите за Блискиот Исток оценуваат дека прифаќањето на условите на Трамп би значело сериозно слабеење на одбранбената стратегија на Иран и фактичко признавање пораз, чекор за кој во моментов нема ниту политичка волја ниту простор во иранската елита.