Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во наредните неколку недели ќе поднесе оставка на функцијата, една година пред истекот на неговиот мандат, и порача дека во Србија ќе се одржат предвремени претседателски и парламентарни избори.

„Ќе бидам претседател уште само неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка“, изјави Вучиќ пред своите поддржувачи на собир во Белград.

Неговиот втор и последен претседателски мандат, според актуелниот Устав на Србија, истекува во средината на 2027 година.

Вучиќ истакна дека ќе ѝ помогне на Српската напредна странка да победи на претстојните избори, вклучително и на евентуалните предвремени парламентарни избори, кои редовно треба да се одржат во 2027 година.

Тој предложи изборната листа на СНС да настапи под името „Обединета Србија“ и посочи дека ќе се повлече доколку во партијата сметаат дека неговата поддршка повеќе не е потребна.

„За победа – и тоа наскоро“, порача Вучиќ, без да прецизира кога точно ќе ја поднесе оставката и кога би можело да биде распуштено Собранието, што е предуслов за распишување предвремени парламентарни избори.

Собирот во Белград бил организиран како одговор на активностите на студентското движење „Студентите победуваат“. На него Вучиќ најави и можност за помилување на лица кои, како што рече, „од невнимание и случајност сториле одредени дела“.

Осврнувајќи се на надворешната политика, Вучиќ изјави дека Србија ќе продолжи по патот кон Европската Унија и ќе ги исполнува своите обврски, но истовремено ќе ги зачува традиционалните односи со Русија и Кина.

Тој повторно ја нагласи потребата Србија да ја задржи воената неутралност и оцени дека студентите во земјата биле политички инструментализирани.

Според српската полиција, на собирот во центарот на Белград присуствувале повеќе од 200.000 луѓе. Независни проценки за бројот на присутни засега нема, објави Скопје1.мк.