Последно збогум за папата Франциск. Десетици илјади луѓе се собраа на плоштадот Свети Петар во Ватикан да присуствуваат на погребот на понтифот. Аџии, православни свештеници, калуѓерки, над 160 делегации, му оддадоа последна почит на Неговата Светост. Меѓу присутните, американскиот претседател Трамп, францускиот Макрон, принцот Вилијам и британскиот премиер Стармер, украинскиот претседател Зеленски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, генералниот секретар на ООН, Гутереш.
„Колеџот на кардиналите, срдечно ви благодарам на сите за вашето присуство, со почит и искрена благодарност до шефовите на држави, шефовите на влади и официјалните делегации кои дојдоа од многу земји да ја изразат својата наклонетост, почит за нашиот покоен Свети Отец. Длабокиот понтификат на папата Фрањо ги допре умовите и срцата. Последната слика што ја имаме за него, а ќе остане врежана во нашето сеќавање, е онаа од изминатата недела, Велигден, кога папата Франциск и покрај неговите сериозни здравствени проблеми, сакаше да ни го даде својот благослов од балконот на базиликата Свети Петар“, изјави кардиналот Џовани Батиста Ре.
Под силни безбедносни мерки од Швајцарската гарда и илјадници италијански полицајци од различни единици, погребната миса почна рано утрово во базиликата „Свети Петар“, по што продолжи на истоимениот плоштад. Ковчегот беше однесен во Рим, во вечното почивалиште на понтифот во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Франциск е првиот папа погребан надвор од Ватикан по повеќе од еден век. Упатствата за церемонијата ги даде лично тој. Ги ревидираше и поедностави ритуалите, а неговата цел беше да ја нагласи улогата на папата како обичен свештеник, а не како „моќен човек на овој свет“.
„Тој е најскромната личност што некогаш сум ја сретнал, што некогаш сум ја познавал“, рече еден од присутните верници.
Последно збогум за папата Франциск. Другите рекоа дека е светец.
„Папата Франциск не потсетува дека сме христијани и мора да живееме како христијани. Ова е најубавото нешто“, изјави кардиналот Фернандо Филони.
Верниците се сеќаваа за неговото дело.
„Се сеќавам на неговата насмевка и неговата радост“, рече кардиналот Винсент Николс.
Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, на 88-годишна возраст од мозочен удар и срцев застој во неговата резиденција во Ватикан. Тој беше 266-тиот папа и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум. Изборот на нов папа најверојатно ќе почне во Сикстинската капела на петти мај.
Извор: МРТ