Министерството за здравство соопшти дека министерот Азир Алиу донел одлука за разрешување на директорот на Клиниката за неврологија, Кузмановски, веднаш по увидот во видео-снимката која предизвика реакции во јавноста.

Кузмановски ја извршуваше функцијата директор од август оваа година. Од Министерството информираат дека работата на Клиниката ќе продолжи непречено, а нов директор ќе биде именуван согласно законските процедури.

„Министерството за здравство останува посветено на транспарентно и законско управување со сите здравствени установи,“ стои во соопштението.

Одлуката ја поздрави и ВМРО–ДПМНЕ, која оцени дека извршувањето јавна функција подразбира одговорност и отчетност.

„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен. Институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури. Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво, а управувањето со институциите мора да биде во духот на одговорноста,“ се наведува во соопштението на партијата.