Шест дена по исчезнувањето, сѐ уште јавноста бурно го следи случајот со Вања Ѓорчевска која ја снема од строгиот центар на градот. За Вања нови информации нема, но министерот Спасовски рече дека веќе има уапсени лица.

Оливер Спасовски не сакаше да открива детали бидејќи тоа може да штети на процесот.

„Низа на криминалистички истражни мерки се преземаа во изминатиот период, со цел да се утврдат сите факти кои ќе ги соопштиме во момент кога треба да бидат соопштени. Синоќа до доцна во ноќта се работеше, исто така, интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило, со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај”, истакна министерот Спасовски.

Освен граѓаните и полицијата, во потрагата се вклучија и ловџии, а меѓународна потерница распиша и Интерпол.

Фотографиите и описот на девојчето го заобиколија регионот. Во текот на потрагата сослушани се сите сведоци, прегледани се видеа од преку 50 камери, претреси на локации во центар, пребарано е коритото на реката Вардар, манастири.

Ѓорчевска исчезна во понеделникот рано наутро на пат кон училиште. 14 годишната Вања е висока 175цм, со кафеава коса, кафеави очи, бемка на десната страна на лицето, носи протези на забите, последен пат била облечена во црни пантолони со странични џебови, син блузон, црна јакна, бели патики.