Компаниите НОМАГАС од Северна Македонија и ДЕСФА од Грција постигнале конечна инвестициска одлука за интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, а изградбата се очекува да започне на почетокот на следната година, соопшти извршната директорка на ДЕСФА Мариа Рита Гали, јави дописничката на МИА од Атина.
Гали, говорејќи на конференцијата на Економист што се одржува во Грција, рече дека „меѓу важните проекти на компанијата е и новата рута за извоз со Северна Македонија“.
-Вчера со нашиот партнер НОМАГАС постигнавме конечна инвестициска одлука, па така проектот сега и официјално подготвен и ќе ја започнеме изградбата на почетокот на следната година, откри извршната директорка на ДЕСФА и паралелно им се заблагодари на грчките институции и на амбасадата на САД во Грција за поддршката и напорите.
Минатиот месец НОМАГАС и ДЕСФА потпишаа договорот за вршење на надзор над изградбата, а финансирањето на надзорот и административната поддршка за реализација на проектот е обезбедено преку програмата WBIF, со Договор за инвестициски грант потпишан со ЕИБ во висина од 2.475.00 евра.
Од НОМАГАС тогаш соопштија дека тоа беше значаен чекор за побрзо започнување на изградбата на интерконекторот, со оглед дека изборот на надзор над градбата е услов за избор на изведувач.
Интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас.
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на водород.
Во октомври 2016 година беше потпишан Меморандумот за разбирање меѓу Националните енергетски ресурси (НЕР) на Северна Македонија и Националниот оператор за пренос на гас на Грција (ДЕСФА).
Нешто помалку од пет години подоцна двете земји потпишаа договор на политичко ниво, а во октомври 2021 година извршните директори на двете компании го потпишаа договорот за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји.
Проектот предвидено е да биде финализиран на средината на 2025 година.