Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека разговорите со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска биле конструктивни и создале предуслови за изнаоѓање решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. И министерката Генчовска е на ставот дека постои нормален дијалог.
Според министерот Османи, кое било решение треба да биде достоинствено и прифатливо за двете страни, не смее да остави една страна задоволна а друга не, или двете страни ќе бидат подеднакво задовлни или подеднакво незадоволни, но сепак смета дека имало доволно коструктивна атмосфера.
-Мислам дека нашата страна успеа да ги образложи нашите аргументи, но вниматело ги слушнавме и нивните аргументи. Има добра основа во натамошните разговори овие идеи да се обликуваат во некакви конкретни решенија кои потоа ќе се обидеме да ги ставиме во пакет кој значи платформа за надминување на разликите. Двете страни се охрабрени да продолжат, но имаме уште работа, а времето е кратко. И времето и квалитетот на решенијата се важни, квалитетот не смее да биде жртва на времето, треба да гарантира одржливост на односите за што сме сериозно заинтерсирани и ќе се посветиме максимално тоа да го направиме, изјави вчера Османи.
Тој е дециден дека решението што ќе се постигне, треба да биде достоинствено и прифатливо за двете страни и не смее да остави една страна задоволна, а друга не.
Според него, во разговорите со Генчовска имало доволно коструктивна атмосфера за да се направи обид за неутрализирање на предрасудите и стереотипите и за меѓусебно сфаќање на позициите.
Инцидентот што се случи во Центарот за култура „Иван Михајлов“ Битола, подвлече Османи, не влијаеше на поместување на динамиката и на атмосферата на разговорите со Генчовска.
– Овие разговори создадоа предуслови за интензивирање во наредните денови со цел, се надевам, да се изнајде некое решение. Имаше добар прогрес во претставувањето и разбирањето на позициите на двете страни. Се надевам дека наредните денови ќе продолжи оваа комуникација во различен формат, за тие размислувања да се обликуваат во конкретни предлози кои треба да бидат основа за решение, рече Османи.
Според бугарската министерка за надворешни работи пак, во моментов односите се конструктивни и се одвива нормален работен дијалог.
-Двата тима работат напорно многу часови, продолжуваме да се обидуваме да најдеме решение за отворените прашања во спроведувањето на Договорот за добрососедство. Оптимисти сме за резултатите – кога и како е прашање на подготвеност на колегите од Владата на Република Северна Македонија да ги спроведат овие договори, додаде Генчовска.
Проактивностa во дијалогот со Бугарија може да даде резултат, смета вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ, кој вчера беше дел од партиската делегација на СДСМ, составена од заменик претседателката Сања Лукаревска и генералниот секретар Миле Зечевиќ, која се сретна со министерката Теодора Генчовска.
-Имаме добра основа за дебатирање за отворените прашања со Бугарија. Двете страни имаме добра волја за постигнување резултат. Тоа е доволна причина да веруваме дека проактивноста во дијалогот може да даде успех и договор, кој во суштина ќе значи дека интересите на двете страни се обезбедени и заштитени, напиша по средбата на Фејсбук вицепремиерот Маричиќ.
Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со ставот дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски ги брани позициите на државата и во ЕПП и во средбите со бугарските претставници, проблемите, како што посочуваат од партијата, се создадени од СДСМ.
-Претседателот Мицкоски пред целиот Конгрес на ЕПП кажа дека Македонија се соочува со агресија од Бугарија. Претседателот Мицкоски од бугарското МНР побара тргање на ветото за почеток на преговорите. За разлика од претседателот Мицкоски. СДСМ и Ковачевски молчат. Им требаа денови да го осудат отворањето на бугарскиот клуб со име Ванчо Михајлов. А, нивниот ментор Заев го создаде проблемот со Бугарија кога кажа дека македонскиот и бугарскиот народ се ист народ, и дека зборуваат ист јазик. Заев ги уништи Македонските позиции и ја изнегира нацијата, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.