Владата го потпиша договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Чинот на потпишување се случи во свечената седница во владината зградата, каде што свои обраќања имаа премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и претставникот на „Бехтен и Енка“, Марк Алисон.

На потпишувањето присуствуваа амбасадорите на САД и Турција во земјава, Анџела Агелер и Хасан Мехемед Секизкок.

Претставниците на Владата денешниот ден го оценија како историски бидејќи е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјава.

„Потпишуваме еден од најзначајните договори во историјата на нашата држава. Стартуваме со реализација на еден од најважните и најголемите инфраструктурни проекти во земјата. Овој историски проект значи реализација на една голема стратегиска определба. Инвестициите во патната инфраструктура се еден од главните приоритети на Владата на што ставаме посебен фокус затоа што развиваме инфраструктура што значи развој на економијата“,рече премиерот Ковачевски.

Преку делниците од овие коридори, оцени тој, Северна Македонија станува уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута и уште позабележителна на светската историска мапа.

Првиот вицепремиер Артан Груби проектот го нарече почеток на фантастична приказна со која ќе се градат автопатишта во земјава, а „Бехтел и Енка“, рече досега успешно испорачале во повеќе земји од регионот.

„Во последните 32 години државата градела околу пет километри на годишно ниво, а со овој проект имаме 22-25 км на годишно ниво. Разликата е голема и ќе го видиме квалитетот на работите што го врши овој конзорциум, го имаме видено тоа во Србија, Косово, Албанија и Хрватска. Гледам дека сите граѓани се многу уверени дека овој проект е безбеден во рацете на конзорциумот и затоа ви посакуваме успех“,рече Груби кој е раководител на управувачкиот комитет на овој инфраструктурен проект.

Во обраќањето тој посебно ѝ се заблагодари и на Амбасадата на САД, која рече, „од почетокот стоеше покрај нас во текот на целиот процес“.

И за министерот за транспорт и врски ова е најголем проект за патната инфраструктура во историјата и изградбата на овие автопатишта ќе даде дополнителен стимул за домашната економија и градежништвото.

„Веруваме дека изведувачот како реномирана градежна компанија ќе понуди и нови методи и техники во изградбата кои во иднина би биле прифатливи и преземени од домашните компании“,рече Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми рече дека ова е договор за идните генерации. Тој и Бочварски ги ставија своите потписи во име на Владата на договорот во име на Владата.

Претставникот на „Бехтел и Енка“, Марк Алисон, пак, рече дека ова е навистина возбудлив проект на кој ќе работат и вети дека тој ќе биде направен по највисок стандард.

„Навистина е апсолутно задоволство да се биде тука. Мило ми е што ќе работиме со Владата на Република Северна Македонија на овој навистина возбудлив проект за транспорт. Патната поврзаност низ регионот и во Северна Македонија се навистина важни. ’Бехтел и Енка‘ имаат особена историја во испорачувањето на проекти, особено сложени. Ја презедовме одговорноста да одржиме највисок стандард што е навистина мошне сериозно за овој проект, се радуваме за овој почеток“,рече Алисон.

Проектот за изградба на коридорите 9 и 10-д тежи 1,3 милијарди евра. Рокот на изградба е до 2027 година. Тој опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат или по делници: Тетово-Гостивар над 17 км (33 месеци рок на реализација); Гостивар-Букојчани – 30,3 км (57 месеци рок на реализација); Требениште-Струга-Ќафасан 22 км (49 месеци рок на реализација); Прилеп-Битола 40 км (57 месеци рок на реализација).

Потпишувањето на договорот следува откако договорот вчера беше одобрен на владина седница.