Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција
Компанијата НОМАГАС АД Скопје денеска го потпиша договорот со Рапид Билд ДОО Куманово за изградба на македонскиот дел од гасниот интерконектор со Грција, кој ќе се протега од Гевгелија до Неготино, во должина од 68 километри. Проектот, вреден 59,9 милиони евра, се очекува да биде целосно завршен до 2027 година, со рок за изведба од 22 месеци.
Изградбата е финансирана од Владата, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Средствата се обезбедени преку поволни заеми, грантови и техничка поддршка, а цената е за 12 милиони евра пониска од првично проценетата сума на неуспешниот тендер.
Божиновска: Поврзување со европските енергетски вредности
Министерката за енергетика Сања Божиновска на потпишувањето изјави дека проектот претставува „најголема енергетска инвестиција во последните 10 години“ и додаде дека интерконекторот ќе значи доверлива, алтернативна и диверзифицирана енергетска врска со европските пазари.
– Овој проект ќе придонесе за енергетска независност, намалување на загадувањето, но и за заштита на интересите на граѓаните и индустријата, нагласи Божиновска, истакнувајќи дека природниот гас ќе стане дел од стратегиската енергетска рамка на државата.
Европска поддршка и домашна конкурентност
Претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел, објасни дека банката финансира и дел од грчкиот и дел од македонскиот интерконектор, со 28,9 милиони евра заем, плус грантови од 2,5 милиони евра за техничка подготвеност и 9,9 милиони евра од ЕУ. Тој изрази задоволство што домашна компанија ќе ја изведува работата, што според него е „доказ за способноста и капацитетите на македонските фирми“.
Претставникот на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, исто така ја поздрави реализацијата на проектот, велејќи дека е „клучен чекор кон зајакнување на енергетската инфраструктура“.
Изведувач: Ќе работиме посветено, старт веднаш
Директорот на НОМАГАС, Мухамед Елмази, рече дека со потпишувањето се формализира еден од најважните енергетски проекти за земјата и регионот.
Од страна на изведувачот, Тони Каранфиловски од Рапид Билд ДОО истакна дека компанијата ја добила работата со најниска понудена цена и најави веднаш почеток на теренски активности, со претходно подготвена документација.
– Гаранција за успешна реализација се веќе завршените четири магистрални гасоводи, меѓу кои и еден во Бугарија. Единствен ризик би можел да биде евентуално доцнење со експропријација на земјиштето, рече Каранфиловски.