Општина Илинден и компанијата “Џонсон Мети” потпишаа Меморандум за соработка во областа на образованието, со кој англиската компанија за производство на катализатори ќе обезбеди практична настава и обука во сопствените капацитети за учениците од средното стручно училиште “Илинден”.

Меморандумот за соработка го потпишаа градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски и генералниот директор на Џонсон Мети, Боријан Борозанов.

– Потпишувањето на овој меморандум има за цел збогатување на знаењата на учениците преку практична настава и обука, каде учениците непосредно ќе имаат можност да го следат целокупниот процес на производство и преку нивните ментори да изведуваат практични обуки во просториите на компанијата. Учениците исто така ќе имаат можност да се запознаат со начините за работа како и со најнапредната технологија која ја поседува оваа компанија. Џонсон Мети е врвна англиска компанија за катализатори, каде целото производство е наменето за извоз и е еден од најголемите извозници во Македонија, информираат од кабинетот на градоначалникот Георгиевски.