Македонскиот министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, денеска ќе го потпишат договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
На потпишувањето кое ќе се случи на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД, на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на македонска територија. Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО алијансата.
Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце, соопштуваат од Министерството за транспорт и врски.
Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
